Министерот за култура не чувствува одговорност за настанот во МНТ

МНТ

Министерот за култура Хусни Исмаили изјави дека не чувствува одговорност за настанот од петокот вечерта во Македонскиот народен театар кога во продолжение на одбележувањето на Денот на албанската азбука се одржал настан на кој прославувале навивачите на ФК „Шкупи“ – „Шверцери“ по што е оштетен инвентар. Тој вели дека Министерството за култура не било организатор на настанот и дека не може да ги контролира сите настани и однесувањето на луѓето што присуствуваат.

„Најпрво да се утврди штетата и кој ја направил штетата и да си ја надомести. Спротивставени се изјавите дека имало штета, дека немало штета, кој бил организатор. Работите се многу испреплетени и нејасни, барем за мене. Има закони и институции и ако има прекршување на законот, сите да си понесат одговорност без разлика кој и да е. Министерството за култура и конкретно јас не сум организатор на тој настан“, рече Исмаили по заедничката изјава со кинескиот министер за култура Луо Шуганг.