Преку Владата на лична сметка на Катица Јанева се префрлале пари во висина и до 600 евра, рече на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски. Тој истакна дека последната исплата била направена 10 дена пред апсењето на поранешната специјална обвинителка.
„Замислете Катица Јанева примила пари на лична сметка од Владата на СДСМ и тоа по основ за учество во Советот за реформи и тоа не било единстена исплата. Имало исплати и неколку години претходно. Ако се земе во предвид дека веќе ја имаше депонирано својата оставка Катица Јанева од СЈО во тој период, која е причината за исплатата на овие средства на личната сметка на Катица Јанева од страна на Владата каде што премиер е Заев во сред случајот Рекет?“, праша Арсовски.
Тој истакна дека Катица Јанева по разни основи од СЈО за 4 години има заработено над 340.000 евра, а другите обвинители во СЈО имаат инкасирано помеѓу 270.000 и 290.000 евра за 4 години. ВМРО-ДПМНЕ бара овие пари Катица Јанева да ги врати на граѓаните назад, бидејќи како што велат, ова е класичен поткуп кој што го правел Зоран Заев кон Катица Јанева.