Шансата да се задржат младите луѓе во регионот е во тоа Западен Балкан да почне да ги користи сопствените ресурси и да продолжи со регионални автономни инцијативи, создавајќи нешто како мала ЕУ, изјави претседателот Стево Пендаровски во Нови Сад.
На Регионалниот форум на млади лидери каде што учествува, тој истакна дека младите во регионот имаат право да бараат работа низ светот доколку политичарите не им пружат соодветна перспектива.
„Тие имаат само еден живот, сите имаме само еден живот и никој не е луд да го троши додека преговорите со ЕУ траат со години, а притоа просечната плата во земјата земја изнесува 400 евра. Кога не би бил претседател и самиот би се селел од мојата држава“, рече Пендаровски.
Откако оваа изјава предизвика бурни реакции во јавноста, од кабинетот на претседателот испратија соопштение во кое претседателот Пендаровски го дообјаснува кажаното на форумот.
„Ја разбирам потребата за дадената изјава на Регионалниот младински лидерски форум во Нови Сад да биде врамена во дневни партиско-политички пресметки, но трендовите во целиот регион и кај нас се неспорни. Губиме висококвалификуван и млад кадар. Одговорноста е на сите политички водства, од независноста до денес. Вклучително и моја. Доколку немаат суштинска европска перспектива, поголеми плати и поквалитетен живот, младите ќе продолжат масовно да се иселуваат. Младите мора да имаат прва шанса да успеат дома“, вели Пендаровски.