Стотина граѓани од струмичкиот крај и други екоактивисти денеска протестираа пред Владата, со намера да извршат притисок врз владините функционери конечно да ја донесат одлуката за раскинување на договорот со канадската компанија „Еуромакс рисорсис“, што би значело дека рудникот во Иловица-Штука дефинитивно нема да се гради. Според нив, иако и е одземена концесијата на Еуромакс рисорсис, таа сега се жали, односно поднесена е тужба и предметот сега е пред Управниот суд.
„Ние сме тука затоа што концесијата за рудникот Иловица Штука се уште не е одземена. Практично се дојде до потпис за одземање на концесијата, односно предлог за одземање на концесијата од министерот за економија Бектеши, но, се уште не е дојдено на Влада да се одлучи, да се земе конечно концесијата за рудникот Иловица-Штука. Но, главната работа е тоа што народот, луѓето не сакаат да има рудник во нашата здрава животна средина“, изјави активистот Стојан Велков.
Од компанијата неодамна поднесоа тужба до Управниот суд на земјава против решението со кое второстепената државна комисија одлучи дека тие немаат право да вадат руда на местото каде што се планираше да никне рудникот во Иловица. Во своето писмено соопштение до јавноста од компанијата потенцират и дека досега Еуромакс има инвестирано над 50 милиони евра во истражувањето и дефинирањето на проектот Иловица-Штука и тврдат дека рудникот нема да ја намали водата за пиење и нема да загадува.
„Проектот нема да ја намали водата за наводнување. Нема да загадува. Тоа нема да ги намали приносите на земјоделски култури. Нема да влијае на органското земјоделство. Рударските проекти ширум светот живеат во склад со локалните заедници и со локалното земјоделство. Такви примери има тука во Македонија и на други места на Балканот“, се вели во соопштението од концесионерот.