Србија и Северна Македонија ги поврзува визијата за членство во ЕУ и не постои алтернатива на тоа освен полноправно членство, рече претседателот Стево Пендаровски, по разговорот со српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград. Пендаровски е во дводневна посета на Србија.
„Заклучивме дека односите се добри и без спорни прашања“, рече Пендаровски.
Но Вучуќ на прес-конференцијата рече дека не е сигурен дека Брисел знае што да прави сам со себе и со земјите од Западен Балкан. Вучиќ вели дека освен разликите околу независноста на Косово, Србија и Македонија немаат ниту едно отворено прашање во политичките односи.
„Мојата порака до Скопје е дека немаме никакви барања од вас, ние сме веројатно единствените кои ништо не бараме од вас“, рече Вучиќ на заедничката прес-конференција.
Српскиот претседател зборуваше и за тоа зошто треба да се тера со регионалната иницијатива „Мал Шенген”, со која, како што вели, ќе се поврзат земјите, ќе се почитуваат и ќе покажат дека се успешни и не се веќе малолетни.
Пендаровски зборувајќи за дијалогот Белград-Приштина рече дека се надева оти меѓународната заедница и западните пријатели ќе создадат услови за сериозен напредок и позитивен договор.
„Решението мора да придонесе за стабилност на регионот и не смее да задира во суверенитетот на другите држави“, рече македонскиот претседател.
Пред почетокот на прес-конференцијата, Вучиќ се пошегува со Пендаровски кој побара слушалки за превод, велејќи му дека Пендаровски десетпати подобро зборува српски отколку што тој зборува македонски.
Пендаровски беше пречекан со највисоки државни и воени почести.
Тој ќе се сретне и со премиерката Ана Брнабиќ и претседателката на Собранието, Маја Гојковиќ.