Руските власти уверуваат дека шпионскиот скандал нема да се одрази на партнерството меѓу Русија и Србија. Планираната посета на српскиот претседател Александар Вучиќ на Москва следниот месец уште еднаш ќе го демонстрира духот на партнерство меѓу двете земји, рече портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, Дмитриј Песков. Белград пред неколку дена соопшти дека откриле шпионажа од руски агенти.
Вучиќ на 21 ноември потврди дека руски разузнавач имал средба со српски пензиониран полковник и го подмитувал, а сето тоа е документирано со фотографии, видео и аудио снимки.
Говорејќи по состанокот на Советот за национална безбедност на Србија, претседателот Вучиќ рече дека безбедносните служби на Србија пронашле докази за 10 други контакти меѓу руски агенти и српски офицери.
Сепак, Вучиќ, кој треба да ја посети Москва на 4 декември, инсистираше на тоа дека операцијата за шпионажа нема да влијае на пријателските односи на Србија со Русија, додавајќи дека смета оти „Путин не бил информиран за овие работи“.