Србија од косовските такси има загуби од 400 милиони евра

Граница меѓу Косово и Србија.

Српскиот министерот за трговија, Расим Љајиќ, изјави денеска дека во изминатата година, откако Приштина ги воведе таксите за српските производи, на Косово се извезени помалку српски производи во вредност од 395,7 милиони евра и дека најголема штета е тоа што ќе биде тешко повторно да се пласираат тие стоки на косовскиот пазар кога ќе бидат укинати таксите.

Љајиќ вели дека најголеми загуби поради таксите претрпеле Нафтената индустрија на Србија (НИС) и Железарницата од Смедерево. Според него, на Косово повеќе нема прехранбени производи од Србија, додека во исто време двојно е зголемен извозот во Косово на стоки од Грција, Унгарија, Бугарија, Хрватска и Словенија, како и за педесет проценти од Македонија.

На прашањето за „малиот Шенген“ и дали може да се вклучи Косово, тој рече дека идејата за „малиот Шенген“ не е да се прават договори со ниту една земја поединечно. Тој вели дека целта е сите да бидат дел од оваа идеја, но дека Косово не сака да биде дел од неа.