Управниот одбор на Здружението на судии на Република Северна Македонија денеска соопшти дека најостро ги осудува нападите врз судството и судиите од било која страна. Ваквите реакции доаѓаат откако обвинителката Вилма Рускоска најави финансиска истрага за судиите во Апелациониот суд кои донесоа одлука поранешната специјална обвинителка Катица Јанева да оди во домашен притвор.
Во оваа насока Здружението на судиите смета дека нападите „претставуваат директен притисок врз независноста и самостојноста при одлучувањето и правораздавањето“, се вели во соопштението потпишано од претседателот на Здружението на судиите Џемали Саити.
Во него се вели дека Управниот одбор на Здружението на судиите повикува на воздржаност и професионално однесување на сите чинители на правосудниот систем и пошироко, со цел да се даде шанса на правната држава и владеењето на правото.