Од Апелациониот суд Скопје реагираат на содржина на СМС пораката, како и подоцнежниот јавен настап на обвинителката Вилма Русковска во медиумите. За Судот тоа претставува директна закана и грубо мешање во работата на судот каде јавното обвинителство е само странка во постапката.
Обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Русковска синоќа испратила СМС порака до еден од членовите на Кривичниот совет на Апелациониот суд Скопје кој учествувал во жалбена постапка за притворот на Катица Јанева, соопштуваат од Апелациониот суд. Од Судот велат дека СМС пораката била со следната содржина:
„Ако ти со советот сте ја пуштиле Катица, да знаеш дека од гаќи ќе ве истресам цел совет со финансиска истрага. Заради судии како Вас, никогаш нема во ЕУ да влеземе. Ако не е твојот совет, се извинувам. Ама ако сте вие, ќе видите.“
Апелациониот суд Скопје смета дека ваквото однесување на јавен обвинител претставува искористување на позицијата на јавен обвинител и обид преку јавен настап да се наметне постоење на елементи на корупција во постапувањето на Кривичниот совет и да се изрази неосновано и паушално сомневање во поглед на правилноста и законитоста на одлуката на Кривичниот совет.
Во Апелација денеска имаше итен колегиум по најавите на Русковска за финансиска истрага. Таа вчера, откако Јанева беше пуштена во домашен притвор најави дека ќе биде спроведена финансиска истрага за судиите кои ја пуштиле.
„Со вакви судии нема во ЕУ“, изјави Русковска. Од Апелација велат дека токму постапките на Русковска можат да бидат пречка за пристапување на нашата држава во ЕУ.