Судијката Весна Димишкова денеска е повикана да даде исказ во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за случајот Рекет.
Нејзиното име беше спомнувано во снимените разговори поврзани со случајот. Во снимките што ги објавуваше италијанскиот весник Ла Верита, името на судијката го спомена првообвинетиот Бојан Јовановски, кој на Орце Камчев му вели дека треба да се почека до среда што ќе направи Димишкова. Од Обвинителството велат дека таа е повикана како лице кое дава потребни известувања.
Судијката Димишкова и ја потпиша наредбата на сега поранешната обвинителка Катица Јанева да влезе во УБК и за претрес на сега покојниот Коста Крпач
Судењето за случајот „Рекет“ е закажано за 3 декември, кога на обвинителна клупа ќе седнат обвинетите Катица Jанева, Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милевски – Кичеец.
Поранешната специјална јавна обвинителка Јанева вчера ја напушти „Шутка“ и замина во куќен притвор откако скопскиот Апелациски суд донесе одлука со која ја уважи нејзината жалба и ѝ одреди мерка куќен притвор.
Во куќен притвор од 24 септември е и Зоран Милевски, а во затворот во Шутка остана првоосомничениот во „Рекет“ Бојан Јовановски.