Талибанците биле најсмртоносната терористичка група во светот минатата година, поради порастот на терористичката активност во Авганистан и застојот на конфликтите во Сирија и Ирак, покажува Индексот за глобален тероризам. Новото истражување објавено денеска од Институтот за економија и мир со седиште во Сиднеј, покажува дека Талибанците се виновни за 38 отсто од вкупниот тероризам во светот.
Талибанците ја „победија“ организацијата Исламската држава која досега беше најсмртоносна терористичка група.
Истражувањето покажува дека бројот на жртви од тероризам во светот се намалил за 15 проценти во 2018. Најголем пад е забележан во Ирак. Земјата за прв пат од 2003 година не е на врвот на најтешко погодена од тероризам. Но сепак Ирак е на второ место, а потоа следат Нигерија и Сирија.
Истражувањето покажува и дека бројот на смртни случаи предизвикани од екстремно десничарски тероризам во Западна Европа, Северна Америка и Океанија, се зголеми за 320 проценти меѓу 2014 и 2018 година.