Осумдесет и двегодишниот Раде Меновски е еден од малкумината кои низ Тетово се движат само со велосипед.Семејните обврски налагаат, а годините не се пречка, вели виталниот тетовец. Сепак потенцира дека сообраќајниот метеж е голем, па тешко е да се вози секојдневно велосипед низ Тетово.
„На денешно време низ град е многу тешко, голем сообраќај. Времето е такво да мораш да се пазиш. Со точак е многу ризично да се вози. Јас секогаш десно возам и полека гледам напред, го гледам сообраќајот. Ми се случувало скоро да паднам, во гужва голема, ама ќе рипнам. Од дете со точак сум, до ден денес сега 82 година терам одам со точакот, се возам редовно. Морам да помогнам дома, на фамилијата. Со агенда сум, да чувам деца, да одам да ги носам, да ги враќам“, објаснува Раде Меновски.
Тоа што има сообраќаен метеж и многу возила на улиците укажува дека малкумина го следат примерот на 82 годишниот сограѓанин.
Видете и ова: Загадениот воздух ги брка луѓето од Тетово
Горан Ѓорѓиевски од неформалната иницијатива „Тетово на точак“ вели дека нивната иницијатива од пред пет години за зголемување на свеста за користење на велосипедите не е прифатена од луѓето, но и од локалните власти.
„Во Тетово замре некако таа иницијатива, затоа што некако мислевме реално дека ќе има поголема бројка на луѓе кои ете дента си возеа, си имаа некои обврски, можеа и повеќе, сакаме повеќе луѓе да се вклучат. Општината, тие направија нешто малку, но тоа не е ништо, само во централното градско подрачје, направија една до две велосипедски патеки на булеварот Маршал Тито. Многу малку значи од она што го баравме ние за да биде полесно за велосипедистите во градот да им биде попроодно да им биде самото место и да има обележано не само на главната улица туку и на другите. Знаеме дека ете и со големиот број на автомобили кои ги има во градот тоа малку е невозможно“, рече Горан.
Самата промена на оваа состојба, односно наместо автомобили да се користат повеќе велосипеди ќе придонесе да има почист воздух во Тетово, смета соговорникот.
„Гледаме дека луѓето сакаат да се рекреираат, меѓутоа нема некако простор за да се помине, за да се функционира со велосипед. Сите би сакале тоа, зажал, за тоа има многу предигри кои треба да се средат за да дојде до помал број на автомобили, со тоа ќе се намали и загаденоста на воздухот дефинитивно. Нели од сите тие издувни чадови кои што ги има, квалитетот на целата земја, прашината која ја има по патиштата“, истакна Горан Ѓорѓиевски од иницијативата „Тетово на точак“.