Ако немаме согласност за квалитетен закон за јавно обвинителство, подобро е да не се носи отколку да се носи закон само заради закон, изјави денеска министерката за правда Рената Дескоска одговарајќи на новинарско прашање во врска со законот за Јавно обвинителство.
„Со оглед на тоа што веќе е обезбеден трансферот на предметите на СЈО беспредметно е носење на закон за јавно обвинителство којшто би бил со полош квалитет од постојниот, така што тоа го разговаравме и на денешната средба со комесарката Јоурова разговаравме за таа тема, и ги објаснив аргументите“, изјави Дескоска на маргините на Министерскиот форум ЕУ-Западен Балкан.
Таа одговарајќи на прашање рече дека е подобро да имаме помалку судии, но да бидат квалитетни и професионални. Дескоска рече дека присуството на судии кои се срам за професијата, носи поголема штета отколку да има дефицит на судии.
Во однос на ветингот, Дескоска рече дека има бројни земји чии примери може да се следат и оти не се испитува само имотната состојба на судиите, туку и влијанието од разни лоби групи, адвокатски групи или кој било во носењето на нивните одлуки или во одложувањето на одредени судски процеси.
На Министерскиот состанок ЕУ Западен Балкан на кој учествуваат министри за правда и за внатрешни работи што денеска и утре се одржува во Скопје се дискутира за реформите во правосудството, владеење на правото, условите во затворите и она што значи реформа во изборниот систем односно обезбедување фер и демократски избори.