Европратениците против Вархелји да биде еврокомесар за проширување

Оливер Вархелји, сослушуван пред ЕП.

Оливер Вархелји, сослушуван пред ЕП.

Европратениците не се задоволни од настапот на кандидатот за комесар за проширување, Оливер Вархелји, пренесуваат од комисијата за надворешни работи на Европскиот Парламент, каде кандидатот беше сослушан утрово.

За него гласале 30 европратениците, а 36 биле против, со што неговата кандидатура не е одобрена. Сега следуваат дополнителни прашања во писмена форма до кандидатот, со што му се остава уште една прилика на кандидатот да ги убеди скептичните пратеници.

Групата на Зелените веднаш по сослушувањето соопшти дека ќе гласа против него бидејќи оцени дека Вархелји не дал доволни гаранции дека ќе биде независен од владата на Виктор Орбан. Им се придружија и неколку пратеници од редовите на Социјалдемократите, на Либералите, и на радикалната левица, Вархелји има рок до понеделник да одговори на прашањата. Доколку повторно европратениците не бидат задоволни може да биде закажано второ сослушување.

Скептичните пратеници сметаат дека Унгарија не треба да управува со ресорот проширување поради слабостите во владеењето на правото во оваа земја.