Холандскиот тим објави нови детали за соборениот малезиски авион

Холандскиот тим кој ги истражува причините за соборувањето на авионот на „Малезија ерлајнс“ во 2014, објави пресретнати телефонски разговори за кои се вели дека се меѓу руски воени команданти кои зборуваат со сепаратистички борци и службено лице во Кремљ.

Истражителскиот тим бара сведоци кои ќе сведочат на судењето кое треба да почне на 20 март следната година. За објавените снимки од разговорот, од тимот велат дека се чини дека станува збор за синџир на команда.

Во авионската несреќа загинаа сите 298 лица кои биле во авионот.

Во јуни, холандските обвинители објавија дека тројца Руси и еден Украинец ќе бидат изведени пред суд во Холандија за наводна вмешаност во инцидентот. Обвинителите велат дека имаат докази за директна командна линија меѓу претставници на Русија и сепаратистите, кои се бореле во источна Украина.

Авионот кој леташе од Амстердам до Куала Лумпур се сруши на територија во источна Украина, која беше под контрола на проруски борци.

Од Холандскиот тим соопштија дека во нападот бил користен софистициран противвоздушен ракетен систем и дека оружјето дошло од Русија.