Тачи е за продолжување на дијалогот со Србија, но без услови

Средба на косовскиот, српскиот и францускиот претседател, Хашим Тачи, Александар Вучиќ и Емануел Макрон

Косовскиот претседател Хашим Тачи по разговорите со неговиот српски колега Александар Вучиќ во Париз изјави дека дијалогот меѓу Приштина и Белград за нормализирање на односите треба да продолжи, но „без какви било услови“.

Тачи во интервју за РСЕ по средбата со Вучиќ и со францускиот претседател Емануел Макрон на маргините на Парискиот мировен форум истакна и дека целта на трилатералниот состанок била „да се реафирмира потребата од дијалогот Косово-Србија, да се започне овој процес со евентуална можност за постигнување на конечен договор“ меѓу двете земји.

На прашањето кога очекува да се постигне договор со Србија, Тачи посочи што е можно поскоро, но може да се случи во наредните месеци. Вучиќ по средбата порача дека најпрвин треба да се укинат таксите па да се разговара.