Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски денеска изјави дека огласи за нови вработувања се распишани и ќе продолжат да се распишуваат. Тој вели дека нема да се стопираат вработувањата заради изборите, бидејќи институциите имаат потреби.
„Тоа е жива материја, луѓе си одат и луѓе доаѓаат“, вели Манчевски. , Тој смета дека потребите за вработување ги дефинираат институциите, а не Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) и дека не се запознаени колку огласи се објавени за примање нови вработени во јавната администрација, затоа што тоа не било надлежност на МИОА, туку на Агенцијата за администрација.
Манчевски вели дека вработувањата немаат врска со изборите, туку тоа е во согласност со функционирање на буџетот, односно дека на крајот на секоја година се прекинуваат договорите на определено и доколку има потреба институциите повторно распишуваат огласи во новата година за нови договори на определено.