Пендаровски - Од Макрон нема гаранции за датумот за почеток на преговори

Средба на претседателот Стево Пендаровски со претседателот на Француската Република Емануел Макрон во Париз

Претседателот Стево Пендаровски, по средбата со неговиот француски колега Емануел Макрон, рече дека се уште од Париз нема гаранции за датумот за почеток на преговори со ЕУ. Тој вели дека со Макрон имал„отворен и динамичен“ разговор и дека францускиот претседател бара време за внатрешната реформа на ЕУ.

Пендаровски вели дека Макрон му рекол дека би можело да се очекува конечно одлука за отворање преговори во мај на Самитот во Загреб, но не му дал гаранции дека таа одлука ќе биде позитивна.

Според Пендаровски, Франција веќе поднела неформален предлог (нон-пејпер) до земјите членки на ЕУ за реформата на методологијата на пристапните преговори за членство, реформа која Макрон ја бара пред да даде зелено светло за Северна Македонија и Албанија. По средбата Пендаровски изјави дека начелно тој мисли дека методологијата најдоцна треба да биде усвоена до март.