Владата ги повлекува предлог-измените на Законот за јавни собири, соопштуваат од владината прес-служба. Од таму велат дека ги послушале забелешките на граѓанските организации за најавените предлог измени и одлучиле да ги повлечат на денешната владина седница. Од Владата велат дека има простор за разговори и за подобрување на содржината на законот.
Предлог измените предвидуваа да се забрани да се одржуваат јавни собири пред –странските амбасади, објекти и простори од интерес за безбедноста на државата, како и седиштата на органите на државната власт и просторот околу нив.
За време на протестите додека ВМРО-ДПМНЕ беше на власт пак сегашниот премиер Зоран Заев лично фрлаше боја кон орган на државната власт- Министерството за правда, а актуелниот министер Оливер Спасовски го пробиваше полицискиот кордон за насобраните да стигнат до друг орган на државната власт- Министерството за финансии.
Покрај ова со законот се предлагаше и минимум 50 граѓани да можат да организираат протест, наместо досегашната бројка од 20 луѓе, а луѓето кои присуствуваат на јавниот собир да не смеат да носат средства на лицата и главата кои го отежнуваат утврдувањето на нивниот идентитет. Со предлогот се одредуваше и временски период во кој може да се одржува јавниот собир – од 06 до 23 часот.