Кинескиот претседател Си Џинпинг присуствуваше на церемонијалната вечера во Атина, чиј домаќин беше грчкиот претседател Прокопис Павлопулос.
Двете земји претходно потпишаа 16 билатерални договори за соработка во широк спектар на сектори и за унапредување на големата глобална иницијатива за кинеско инвестирање на територијата на Европската унија.
По потпишувањето грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, оцени:
„Потпишувањето на шеснаесет владини и деловни договори меѓу Грција и Кина на сите нивоа е пат кој се отвори и кој наскоро ќе стане автопат“.
Кинескиот претседател Си Џинпинг пак, за време на вечерата нагласувајќи ја добрата соработка меѓу девете земји посебно го посочи примерот со пристаништето во Пиреја во близина на Атина.
„Прагматичната билатерална соработка претставена од пристаништето во Пиреја постигна плодни резултати.
Платформите на конференцијата за дијалог на азиските цивилизации и Форумот за антички цивилизации ќе станат белег на културната и меѓусебната размена меѓу двете страни“.
Џинпинг и грчкиот премиер Мицотакис претходно го посетија пристаништето Пиреја, предводник на проектот во билатерална соработка и го поздравија како успех во рамките на соработката „Појас и пат“.
Во 2009 година, кинескиот државен гигант за транспорт „Коско“ започна да управува со терминалите на контејнери, а во 2016 година се здоби со мнозинскиот удел во пристаништето и формално го презеде управувањето и работењето.
Досега, проектот создаде работни места за над 10,000 локални жители директно или индиректно, а пристаништето Пиреја стана најголемото пристаниште во медитеранскиот регион и еден од најбрзорастечките терминали на контејнери во светот.
Грција сè уште се бори да се врати од длабоката и долготрајна финансиска криза што ја намали нејзината економија за 25 насто.
Земјата и нејзината нова конзервативна влада се подготвени да привлечат инвестиции во странство и покрај загриженоста на некои од западните сојузници на Атина за брзото проширување на глобалното влијание на Кина во Грција.