Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека од февруари 2020 година платите на лекарите-специјалисти ќе се зголемат за 25 проценти, додека на медицинските сестри платите ќе им бидат зголемени за 10 отсто, посочувајќи дека заедно со другите зголемувања од 2018 година, платата на лекарот специјалист е зголемена за 40 проценти, а на медицинските сестри меѓу 25 и 38 проценти.
„Заедно со зголемувањата на дежурствата, кои од 2018 година кога беа зголемувањата, се зголемија за двојно за работен ден, а за недела и празник за три пати, сега платата на лекар-специјалист во Клиничкиот центар, на хируршките и на интерните клиники, ќе достигне, а кај некои и ќе надмине 100.000 денари“, изјави Филипче.