ЦГК - Министерството за здравство потрошило 39 милиони евра - најмногу пари за јавни набавки

Министерствата, владините секретаријати и Собранието просечно исполнуваат 55,2 проценти од критериумите за транспарентност, отчетност и интегритет во целиот циклус на јавните набавки. Ова е мало подобрување во однос на претходните години, во 2017 година изнесуваше 53,6 проценти, а во 2016 година 51,7 проценти, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации. Во нивното истражување се рангирани 21 институција, според транспарентноста, отчетноста и интегритетот во јавните набавки. Анализата се однесува на 2018.

Најмногу институции се рангирани во „ограниченото“ ниво на транспарентност, отчетност и интегритет во јавните набавки, со исполнување на критериумите меѓу 40 проценти и 60 проценти. На врвот се министерствата за економија и за одбрана, а на дното министерствата за здравство и за образование и наука.

Најмногу пари за јавни набавки потрошила институцијата која е најслабо рангирана, Министерството за здравство (39 милиони евра), додека, пак, Министерство за економија, како прворангирана, е во групата на институции со помал обем на јавни набавки (334.000 евра).

Во истражувањето се наведува и дека секој трет тендер на анализираните институции бил поништен. За разлика од ланските 25 проценти, за 2018 година процентот на поништени тендери изнесува 30,3 проценти.

Истражувањето покажало дека се влошува одговарањето на институциите на доставените барања за слободен пристап до информации од јавен карактер. Лани одговориле просечно за 38 дена, годинава за 42, иако максималниот законски рок е 30 дена.