Во Србија денеска, со труби, тапани и со српски вина, беше пуштен во употреба Источниот крак на Коридорот 10, односно од Просек до Црвена Река, со вкупна должина од 22,5 километри, со што се заокружува изградбата на целиот источен крак од Димитровград до Ниш, долг 86 километри и 800 метри. Вкупната вредност на градбата на источниот крак се проценува на околу 476 милиони евра.
Со новиот автопат долг 86,8 километри од Ниш до граничниот премин Градина на српско-бугарската граница, ќе се патува за педесет минути.
На свеченото отворање присуствуваа српскиот претседател Александар Вучиќ и бугарскиот премиер Бојко Борисов.
Откако разменија по неколку реченици на српски и бугарски, Борисов на Вучиќ му рече: „Додека доаѓавме гледав колку многу споменици има. Колку војни сме воделе порано, а сега градиме патишта“.