Хил - Балканот жртва на проблемите на ЕУ и индиферентноста на САД

Поранешниот висок американски дипломат, кој беше и амбасадор во Македонија, Кристофер Хил, пишува дека внатрешните проблеми во ЕУ и американската индиферентност довеле до промена на ставот востановен со падот на Берлинскиот ѕид пред 30 години дека не постои проблем на Европскиот континент што не може да биде решен преку залагање заедно со Европската унија или со проширување на европскиот проект.

Тој за Проџект Синдикат вели дека се покажало дека нешто се сменило на Европскиот совет одржан на 17 и 18 октомври, кога францускиот претседател Емануел Макрон ја донесе својата судбоносна одлука да ги блокира пристапните разговори на Албанија и Северна Македонија со ЕУ. Хил пишува дека во Скопје и во Тирана има разочараност, па дури и бес околу одлуката на Макрон. Тој ги нотира работите кои земјава мораше да ги направи за да влезе во ЕУ и НАТО.

„Во минатото би се очекувало Соединетите Држави да стапат на сцена. Но, во контекст на недефинирата надворешна политика на американскиот претседател Доналд Трамп, ситуацијата на малите и далечни земји како Северна Македонија и Албанија едвај се гледаат“, пишува Хил, додавајќи дека најверојатно е дека Трамп едноставно не знае што се случува на Западниот Балкан.

Тој додава дека до пред само неколку години САД без двоумење би работеле со ЕУ на олеснување на пристапниот процес за двете земји, за да се прати сигнал до Русија дека геополитичката игра на Балканот се приближува до својот крај.

„Имајќи ги предвид траумите на регионот во изминатите 25 години, Америка и Европа имаат обврска да ги исполнат ветувањата од периодот по крајот на Студената војна“, пишува Кристофер Хил, поранешен американски помошник државен секретар за Источна Азија.