„Она што во моментот го доживуваме е мозочна смрт на НАТО“.
Ова е дијагнозата на францускиот претседател Емануел Макрон.
Во интервју за британскиот магазин „Економист“ објавено во четвртокот, Макрон посочи дека НАТО умира заради непредвидливоста на Соединетите држави под претседателот Доналд Трамп.
Тој изрази сомнеж во точката од Повелбата која е основа за воениот сојуз од 29 држави - дека нападот врз еден е напад врз сите.
Забелешките бргу ги отфрли германската канцеларка Ангела Меркел заедно со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на прес-конференција во Берлин.
„Францускиот претседател избра драстични зборови, тоа не е мое гледиште во врска со соработката во рамките на НАТО. Мислам дека таквата оценка е непотребна, иако имаме некои проблеми и мора да се средиме“.
Државниот секретар на САД Мајк Помпео, кој е во посета на Германија по повод падот на Берлинскиот ѕид, ја истакна вредноста на Северноатлантската организација.
„Мислам дека НАТО останува важно, критичко, можеби историско едно од најкритичните стратешки партнерства во целата историја“.
Но, Макрон не е прв член на НАТО што изрази сомнежи во Алијансата.
Претседателот Доналд Трамп како кандидат го нарече пактот „застарен“ - став што го смени по неговиот избор.
„Реков дека е застарен. Повеќе не е застарен“.
Но, американскиот претседател продолжи да ги повикува членките да трошат повеќе на вооружување и да не се потпираат толку врз американската воена сила.
„Само пет од дваесет и девет земји ја презедоа својата обврска и тоа сега е променето. Заложбата беше на два процента. На крајот на краиштата, тоа ќе се зголеми за малку повисоко од тоа“.
Во интервјуто, Макрон рече дека Соединетите држави покажуваат знаци на „вртење на грбот спрема Европа“.
Тој притоа се повикува на ненадејната одлука на Трамп од минатиот месец да ги повлече трупите од североисточна Сирија без да се консултира со европските сојузници.
Коментарите на Макрон доаѓаат еден месец пред самитот на НАТО на 4 декември во Лондон ... каде што генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и многу сојузници сакаат да изградат слика за единство во време на растечката кинеска воена моќ и на руските обиди за поткопување на западните демократии преку сајбер напади, кампањи за дезинформации и тајни операции.