Народна банка останува на своите претходни проекции дека македонската економија годинава ќе порасне за 3,5 проценти. За следната година се предвидуваат 3,8 проценти, соопшти денеска гувернерката Анита Ангеловска - Бежоска.
Двигатели на растот, според анализата на Народната банка, ќе бидат извозот, инвестициите и личната потрошувачка.
Гувернерката вели дека изборите може да влијаат на забавување на економската активност, но дека ефектите би биле на покус рок.
Таа вели дека треба да се продолжи со структурните реформи за да може по изборите да се оствари повисока стапка на раст.
Со свои проекции за економијата на земјава денеска излезе и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), според која, растот на БДП и годинава и во наредната 2020-та ќе биде 3,2 отсто, што е зголемување од 0,2 проценти од претходно очекуваните три проценти.
Економски раст од 3,2 отсто за 2019 година предвиде и ММФ, кој, пак, за 2020 проектира зголемување од 3,4 проценти.