На иницијатива на Италија ќе се одржи вонреден состанок на Советот за општи работи на Европската унија на кој повторно ќе се отвори прашањето за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија, било истакнато на денешната средба меѓу претседателот Стево Пендаровски и неговиот италијански колега Серџо Матарела. Пендаровски престојува во официјална посета на Италија. Тој на средбата со неговиот колега се заблагодарил за постојаната отворена поддршка на Италија за стратешки цели, членството во ЕУ и НАТО.
Притоа, претседателот Пендаровски додал дека интегрирањето на Северна Македонија и на земјите од Западен Балкан во Европската унија и НАТО е во интерес на регионалната безбедност и просперитет.
Тие разговарале и за билатералните односи и за зајакнување на трговската размена, соработка меѓу бизнисите и збогатување на економската соработка.
Претседателот Пендаровски, во рамки на официјалната посета на Рим имал средби и со членови на Сенатот.