Пратеникот Илија Димовски денеска не се појави на судењето за предметот „Талир“, кој се однесува на незаконско финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ, па рочиштето се одложи. Следното треба да се одржи на 13 декември.
Судијата Осман Шабани, посочи дека Димовски не го известил судот зошто нема да присуствува. Тој вели дека нема да дозволи непочитување на Судот и јавно го опомена пратеникот.
Димовски го известил Судот дека не може да присуствува на судењето за случајот Титаник, но за Талир немало известување.
Во случајот обвинети се Никола Груевски, Кирил Божиновски и Миле Јанакиески кои се товарат за „злоупотреба на службената положба и овластувања“ и „перење пари“, како и Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска обвинети само за делото „перење пари“.
За истото дело, како правен субјект со обвинението опфатена е и ВМРО-ДПМНЕ.
На Елизабета Чингаровска нема да ѝ се суди, бидејќи таа се спогоди со СЈО, призна вина и доби условна казна затвор од две години, која нема да се изврши ако во наредните пет години не направи друго кривично дело.
Според обвинението, тие незаконски добиле најмалку 4,6 милиони евра за партијата, а потоа организирале тие пари да бидат уплатени на жиро-сметката на партијата преку уплатници на име на разни лица.