На денешното рочиште за случајот Монструм се читаа СМС пораки пратени меѓу 3 и 8 мај 2012 праќани меѓу тогашните власти. Случајот Монструм се однесува на петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година. Тогашните власти комуницирале за тоа како
случајот влијае на јавноста со оглед на чувствителноста на темата.
Поранешната министерка за внатрешни работи во СМС порака од 8 мај 2012 година се жали како „ДУИ на сите страни шират лаги за постапувањето на МВР и дека тоа создава големи тензии”.
Потоа серија смс пораки од 8 мај 2012 година разменуваат поранешниот премиер Никола Груевски, екс министерката Гордана Јанкулоска, Мартин Протиѓер и Илија Димовски со иста содржина и тоа „Мислам дека некоја организација на жени или МПЦ мора да реагира на ИВЗ, испаѓа дека жените муслиманки дома смеат да чуваат тенкови, а полицијата не им смее ништо”.
Во порака Али Ахмети на Бујар Османи му пишува „Зошто се гориш себеси за Монструм. Те видов вчера и ми беше жал, ти не си голема функција во влада, зошто не избегна да збориш за тоа”.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и се изведуваат смс пораки и други транскрипти, предложени како дополнителни докази од Обвинителството.
За петкратното убиство на 12 април 2012 година, во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Потоа Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, а случајот го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.