Мицкоски: да не се делегитимира лидерската средба кај претседателот

Архивска фотографија- претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски

За ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата важни се договорените датуми, 3 јануари, формирање техничка Влада и 12 април 2020 предвремени парламентарни избори, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во Куманово, одговарајќи на новинарски прашања дали цврсто стојат на ставот дека изборите мора да бидат на овој датум. Мицкоски апелираше да надвладее мудроста и да не се делегитимира договореното на лидерската средба кај претседателот на државата, инаку не гледа причини зошто повторно би се одржувале лидерски за сериозни прашања за граѓаните.

„И таму се разговараше за можностите што денеска се дилема и кои денеска ги рефлектираат од страна на СДСМ и онаа загриженост која што ја рефлектираат. Мислам дека загриженоста повеќе се темели на стравот од катастрофален пораз на следните предвремени парламентарни избори, на тој начин доколку продолжи парламентарното мнозиниство вака да се однесува не само што ја загрозуваат демократијата, не само што влијаат врз изборниот процес туку комплетно го делегитимираат последниот лидерски состанок кај претседателот Стево Пендаровки и на тој начин само дополнително создаваат недоверба меѓу граѓаните во Македонија“, изјави Мицкоски во Куманово по обраќањето пред граѓаните во рамки на караванот „Разговори за обнова за Македонија“.