Прогресивниот данок не ги даде очекуваните резултати од причина што земјава е опкружена од земји каде што даноците се многу ниски и генерално имаат рамен данок, истакна денеска премиерот Зоран Заев по денешното поставување на првиот електричен столб од новиот далековод од Штип кон Пробиштип.
„Да, направивме исчекор, почнавме еве на крај на годината сме и признаваме дека не ги донесе резултатите. Ова е само израз на чесно владеење, што ќе продолжи оваа Влада да го практикува. Заради тоа што постоиме и работиме за народот и секогаш е почесно да ги признаете грешките и да повлечете чекор назад, отколку буквално да продолжите во нешто од пусти каприц и само да покажете дека сте исправен во тоа што сте почнале како политика“, вели Заев.
Смета дека со овој потег се флексибилни кон стопанството и работниците, а анализите покажале дека капиталот е мобилен и овозможува отварање на сметки надвор од државата.
Вчера, по прес конференцијата на која министерката за финансии Нина Ангеловска ја соопшти одлуката реагираше поранешниот министер Драган Тевдовски кој го воведе прогресивниот данок.
„Пратениците на СДСМ, пред да гласаат за ова, нека помислат дали се за бришење на Социјалдемократски од името на СДСМ. Посебно од страна на луѓе што немаат врска со СДСМ“, напиша Тевдовски на Фејсбук.