Специјалниот пратеник на државниот секретар на САД за Западен Балкан, Метју Палмер во интервју за балканскиот сервис на Радио Слободна Европа оцени дека одлуката на ЕУ да не даде датум за Северна Македонија и Албанија е негативна порака за целиот регион.
Палмер, кој престојува во посета на регионот, рече дека тоа е „длабоко негативна порака за целиот регион“. Тој ова го кажа одговарајќи на прашањето дали мисли дека неуспехот на ЕУ да отвори преговори со двете земји ќе има влијание на постигнување договор меѓу Косово и Србија, земајќи предвид дека европските интеграции беа значаен поттик за двете страни да постигнат договор.
„Мислам дека се праќа негативна порака не само за Северна Македонија и Албанија, туку се создава негативна атмосфера и за дијалог. Неуспехот на Европскиот совет да постигне компромис е длабоко несреќен и верувам дека го враќа процесот назад и праќа негативна порака до двете страни, меѓутоа мислам дека тие треба да одат понатаму и покрај тоа. Во нивен најдобар интерес да го направат тоа, а верувам дека Европскиот совет ќе пронајде пат напред за Северна Македонија и Албанија и дека повторно ќе се посвети на европската перспектива на целиот регион “ вели Палмер.
Пред да замине во Косово американскиот функционер престојуваше во неколкудневна посета на земјава.