Поранешниот министер за финансии, Драган Тевдовски, кој го туркаше прогресивното оданочување, на својот Фејсбук профил реагираше по денешната одлука на Владата да го стави прогресивниот данок во мирување во наредните три години.
„Пратениците на СДСМ, пред да гласаат за ова, нека помислат дали се за бришење на Социјалдемократски од името на СДСМ. Посебно од страна на луѓе што немаат врска со СДСМ“, напиша Тевдовски на Фејсбук.
Министерката за финансии Нина Ангеловска денеска рече дека прогресивното оданочување се става во мирување во следните 36 месеци и се враќа старото од 10 проценти. Ваквата одлука, вели таа, се должи на резултатите од направената анализа според која прогресивниот данок направил незначителен ефект врз подобрувањето на нееднаквоста, а некои од даночните обврзници одлучиле дел од доходот да го префрлат на други лица за да не го надминат прагот.
Тевдовски беше сменет со долгонајавуваната „метла“.
Тој велеше дека прогресивниот данок нема да се одрази врз животниот стандард на населението и од неговото воведување не може да се очекува никакво зголемување на цените, бидејќи станува збор за данок на доход што ќе го плаќаат само околу еден отсто од најбогатите.
Тевдовски велеше дека прогресивен данок има во сите земји од Европската унија кон која ние се стремиме, како и во САД.