Владата по неполна година го стави прогресивниот данок во мирување

Министерката Нина Ангеловска

Министерката за финансии Нина Ангеловска денеска рече дека прогресивното оданочување се става во мирување во следните 36 месеци и се враќа старото од 10 проценти. Ваквата одлука, вели таа, се должи на резултатите од направената анализа според која прогресивниот данок направил незначителен ефект врз подобрувањето на нееднаквоста, а некои од даночните обврзници одлучиле дел од доходот да го префрлат на други лица за да не го надминат прагот.

Прогресивното оданочување стартуваше со почетокот на годината, а дотогаш Македонија имаше рамен данок од 10 отсто.

„Во следните 36 месеци, стапката од 10 проценти ќе се применува на доходот од работа, од самостојна дејност, од авторски и сродни права и од продажба на сопствени земјоделски производи, односно за оној доход за кој во сегашното решение е утврдена прогресија. Заедно со тоа ќе биде ставена во мирување и стапката од 15 проценти односно стапката од 10 проценти ќе се применува и за доход од права од индустриска сопственост, закуп и подзакуп, капитал, капитални добивки, осигурување и друг доход“, рече Ангеловска на прес-конференција во Владата.

Даночните ослободувања нема да се менуваат и остануваат како што се во сегашното решение, рече Ангеловска.

Се предлага и одложување за три години и на данокот на капитални добивки од хартии од вредност и на одредбата за данок на доход од камати од депозити.

Таа вели дека не станува збор за укинување на мерките, туку само за одложување од три години.