Грција ги заостри условите за добивање азил

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Грција со построги процедури за добивање азил

Грчкиот парламент донесе закон со кој се воведуваат нови построги процедури за добивање азил. До ова дојде и покрај силното противење од меѓународните организации за човекови права.

Законот вклучува построги политики за притвор за оние што влегуваат во земјата и бараат азил во Европската унија.

Исто така, се шират плановите за депортирање на мигрантите во нивните матични земји.

Говорејќи на дебатата во парламентот, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис изнесе детали за новиот систем за азил.

„Од сега, секоја апликација треба да се разгледува во рок од 6 месеци, наместо 9, како што беше до денес. И решението треба да му се даде на засегнатото лице во рок од 10, наместо 20 дена. Но, ако во меѓувреме барателот не соработува со надлежните и замине од земјата без дозвола, барањето автоматски ќе се прогласи за неосновано и ќе биде кандидат за депортирање“.

Мицотакис додаде дека новиот систем „го поедноставува и скратува доделувањето азил на вистинските бегалци“ и им дава приоритет на ранливите групи луѓе.

Новите процедури беа критикувани од комесарката на Советот на Европа за човекови права Дуња Мијатовиќ.

Таа по петдневниот престој во Грција на прес-конференција во Атина оцени дека тие ќе им претставуваат дополнителен товар на луѓето за да докажат дека се жртви на терор и насилство.

Мијатовиќ додаде дека ситуацијата со мигрантите во камповите на грчките острови е експлозивна и „на работ на катастрофа“.

„Бројот на мигранти во моментов во Грција - над 100.000 - е далеку од невозможен за справување. Ова не е прашање на недостиг на средства. Парите се достапни, но јасно е дека ресурсите досега не биле искористени ефикасно“.

Грчките власти се обидуваат да се справат со наглиот пораст на бројот на пристигнувања во текот на летните месеци на Лезбос и другите острови во Егејско Море, каде што камповите финансирани од ЕУ се сериозно пренатрупани и се почесто се зафатени со немири.

Според неодамна објавените податоци на ЕУ, Грција сега е најпрометната влезна точка во Европа.

Од почетокот на годинава досега во Грција дојдоа над 47.500 мигрантишто претставува зголемување од скоро 30 насто во споредба со лани.

Во извештајот се вели дека Грција добила над 2 милијарди и 200 милиони евра помош од Европската унија, но не успева да го искористи договорот меѓу Унијата и Турција од 2016 година, со кој се дозволува депортирање на многу мигранти од Грција назад во Турција.