Палмер - Европската перспектива на Скопје ќе ја разјасниме и со европските партнери

Aмериканскиот помошник државен секретар задолжен за Западен Балкан, Метју Палмер,

САД остануваат посветени на унапредување на односите со Северна Македонија и на нејзината европска интеграција, во која се вклучени и двата процеса, членството во НАТО и во Европската унија, е пораката што американскиот помошник државен секретар задолжен за Западен Балкан, Метју Палмер, им ја пренел на соговорниците за време на средбите во Скопје, Тој по средбата со премиерот Зоран Заев рече дека за време на неговата посета била реафирмирана желбата за европската перспектива на Северна Македонија.

„Тоа го разјаснивме тука во Скопје, тоа ќе го разјасниме и со нашите европски партнери“, рече Палмер и додаде дека имал конструктивни разговори за неодамнешните случувања во Северна Македонија, во Брисел, во регионот.

Во врска со Договорот од Преспа рече дека САД продолжуваат да го поддржуваат и нагласи дека тој е мошне важен за безбедноста и стабилноста на целиот регион.

Ја спомена и ратификација на Протоколот за НАТО од страна на Сенатот на САД и додаде дека Вашингтон со нетрпение чека земјата да стане 30. членка на НАТО.

Палмер за време на посетата на Скопје имаше средби со претседателот Стево Пендаровски, министерот за надворешни работи Никола Димитров, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и со лидерот на ДУИ, а денеска и со премиерот Зоран Заев. Палмер во Скопје се сретна и со амбасадорите на САД во регионот на Југоисточна Европа.

Од владината прес-служба соопштија дека на средбата со Палмер, премиерот Заев истакнал дека земјата и натаму останува посветена на процесот за интеграција во ЕУ и дека во периодот што претстои ќе продолжат реформските процеси, одржување на атмосферата на релаксирани меѓуетнички односи, како и добрите односи со соседите.

На средбата присуствувала и американската амбасадорка, Кејт Мери Брнс.