Американското Министерство за одбрана објави видео снимки и фотографии од акцијата во Сирија која доведе до смрт на лидерот на екстремистичката Исламската држава Абу Бакр ал-Багдади.
„Оценивме дека тој се крие во провинцијата Идлиб за да го избегне силниот притисок врз Исламската држава на други места во Сирија“, рече командантот на Централната команда на САД, генерал Френк Мекензи кој ја надгледуваше операцијата.
Тој притоа даде прецизен преглед на она што се случувало.
„Овие борци отворија оган кон нашите авиони и она што го гледате на видеото е всушност одговор“.
Снимките од беспилотните летала покажуваат како тим на специјалните сили се приближува до комплексот, а борбени авиони Ф-15 и дронови вршат воздушни напади.
За прв пат Пентагон исто така даде и ДНК потврда за смртта на Багдади.
Примероци од неговите остатоци се совпаѓале со оние земени кога тој бил задржан во затвор во Ирак во 2004 година.
Но, уште еднаш, официјалните претставници на Пентагон не успеаја да го потврдат провокативното тврдење на претседателот Доналд Трамп за последните минути на Багдади.
„Тој загина откако влезе во ќор-сокак тунел, викајќи, плачејќи и врескајќи цело време“.
Генерал Мекензи пак во врска со ова изјави:
„Сега, за последните моменти на Багдади - можам да ви го кажам ова. Тој влезе во дупката со две мали деца и се разнесе, додека неговите луѓе останаа горе. Не можам да потврдам ништо друго за неговите последни секунди. Јас едноставно не можам да го потврдам тоа на еден или друг начин“.
Мекензи додаде дека две деца на возраст од 12 години загинале со Багдади кога тој активирал експлозив што го носел со себе.
„Четири жени и двајца мажи кои носеа самоубиствени елеци и одбија да се предадат во комплексот, беа убиени“, рече Мекензи.
Смртта на Багдади го означи крајот на долгогодишната потерница по главната американска цел во борбата против ИД.
Багдади беше на врвот на анти-терористичката листа на Америка, откако во 2014 година прогласи т.н. исламски калифат во Ирак и Сирија.
Остатоците на Багдади биле погребани на море во рок од 24 часа од неговата смрт како што е пропишано во американските воени прописи.