САД силно ја поддржуваат Северна Македонија за членство во НАТО, рече специјалниот претставник на државниот секретар на САД за Западен Балкан, Метју Палмер. Тој по средбата со министерот за надворешни работи Никола Димитров, рече дека земјата е блиску до НАТО и само прашање е кога тоа ќе се случи.
„Доаѓам веднаш по ратификацијата на протоколот за НАТО членство од американскиот Сенат. Ова е најповолно време да се биде тука, исто така, по неодамнешната посета на американскиот државен секретар Мајк Помпео. Доаѓам со цел уште еднаш да ја потврдам и зајакнам силната американска поддршка за Северна Македонија и за нејзиниот европски пат и перспектива“, порача Палмер.
Димитров, пак, вели дека до следната средба државата треба да биде подобро подготвена, да бидат поупорни да го донесат законот за Јавно обвинителство.
„Не може Европа да биде стабилна и цврста ако регионот е ранлив, а наша задача е да најдеме сили тоа да го направиме, да најдеме сили да бидеме победници, а не жртви“, рече Димитров.
Палмер освен во Скопје, ќе оди во посета и на Приштина, Белград, Атина.