Портпаролот на Исламската држава е убиен во заедничка акција на американските сили и Курдите, соопштуваат Сириските демократски сили предводени од Курдите. Неговото убиство доаѓа по објавувањето на веста дека е убиен лидерот на Исламската држава Абу Бакр ал-Багдади.
Главниот командант на Сириските демократски сили, Мазлум Абди, на Твитер објави дека портпаролот на Исламска држава, Абу Хасан ал-Мухаџир, бил убиен во село кое се наоѓа во близина на границата со Турција, во координирана операција на американските сили и Курдите.
Сириската опсерваторија за човекови права, со седиште во Лондон, ја потврди смртта на Мухаџир, велејќи дека тој е меѓу петте членови на Исламска држава, кои беа убиени во операцијата предводена од САД, а поддржана од Сириските демократски сили.