Општината соопшти дека палењето на мазутот за загревање на болницата во Куманово е причината за екстремно високи нивоа на ПМ10 честички кои беа измерени во Куманово синоќа. Од таму наведуваат дека мерната станица за мониторинг на амбиенталниот воздух последните десетина години е поставена во болничкиот круг на кумановската болница, непосредно до котелот за нејзиното затоплување.
"Анализата на информации добиени од мерната станица покажува дека најголемите пикови на загаденост е резултат од палење на фосилно гориво и тие се кога котелот за затоплување на болницата се пали, но по краток период се нормализира состојбата“ пишува во соопштението од општината.
Општината бара од Министерството за здравство да одвои пари за да се гасифицира болницата и информира дека синоќа почнале со аеросолизација, односно распрскување на вода во воздухот, за да се налами загадувањето.
Во градот неколку вечери имаше прекумерно загадување на воздухот, кое изнесуваше и до 1.850 микрограми на метар кубен.