Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска соопшти дека за две и пол години се исплатени 314,5 милиони евра за субвенции за земјоделците, а оти навремената и неселективна исплата на субвенциите ќе продолжи и во нардниот период.
МЗШВ посочува дека според динамиката за исплата, се подготвуваат решенијата за исплата на субвенцијата за откупена пченица од домашно производство од родот 2018 година, за што во ребалансот се проектирани 40 милиони денари.
"Следува исплатата на субвенциите за предадени градинарски култури, домати и јаболка, субвенција за површини со поледелски и градинарски култури, овошни и лозови насади, како и за грло добиток. Со ребалансот се проектирани и 40 милиони денари за субвенции за заклани свињи како превенција од појава на болеста африканска свинска чума. Сумирано, со ребалансот на буџетот, се обезбедени нови 915 милиони денари за субвенции за дополнителни мерки кои ќе ги добијат земјоделците за различни видови производи. Со оваа сума финансиската поддршка за земјоделството годинава достигнува околу 7 милијарди денари, пари кои директно се враќаат кај земјоделците за да ги инвестираат во новото производство", информираат од МЗШВ.