Европарламентарците го осудија неуспехот да им се даде зелено светло на Скопје и Тирана

Сите политички групации во Европскиот парламент го осудија минатонеделниот неуспех на Самитот на лидерите на ЕУ кога не беше донесена одлуката за отворање на пристапните преговори за Северна Македонија и Албанија.

Претставникот на најголемата групација, Европската народна партија, Манфред Вебер, вели дека ЕУ има одговорност да донесе доза на стабилност на Западен Балкан, кој, според него, и натаму е нестабилен. Тој нагласува дека Албанија и Северна Македонија заслужуваат европска перспектива.

„Многу баравме од тие земји, а сега вратата им е затворена пред нос. Губиме кредибилитет и тоа е сериозно“, предупредува Вебер, додавајќи дека против проширувањето биле оние лидери кои доаѓаат од либерални парти, а поддршка за проширувањето дале конзервативните партии

Францускиот претседател Емануел Макрон беше главниот кочничар на тоа двете земји да добијат датум. Но и Европските либерали, политичката групација на која припаѓа Макрон, го осудија исходот на самитот. Лидерот на Европските либерали, Дачијан Цилос, вели дека проширувањето мора да остане во срцето на политиките на ЕУ.

„Не можеме да замислиме силна Европа, а таа да не биде отворена кон соседите, особено кон оние кои веруваат во неа можеби и повеќе отколку што веруваат некои земји членки. Европа мора да остане мотор на демократските реформи, а нејзината врата да остане отворена“, рече Цилос.

Претставниците на Европската зелена партија директно го обвинија францускиот лидер за блокирање на европските перспективи на земјите од регионот. Филип Ламберт од Европските зелени потсети како сите се израдувале кога Макрон победил на изборите во Франција во 2017.

„Ако се сеќавате, го поздравивме Макрон како голем Европеец. А како проаѓа времето сфаќаме дека и не е толку голем и не е толку Европеец“, порачува Ламбертс.

Социјалдемократите во ЕП велат дека е неопходно да се задржат политиките на отворени врати на ЕУ кон Западен Балкан.

„Влезот на Западен Балкан не само што ќе придонесе за стабилноста во регионот, туку и стабилност за цела ЕУ“, порача Иратксе Гарсија Перез од оваа политичка групација.

На седницата во Стразбур се расправаше за исходот од Самитот во Брисел. На седницата свое обраќање имаа и претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск и претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер. На двајцата ова им беше последно обраќање, оти наскоро им истекува мандатот.

Тие и денеска повторија дека тоа што ЕУ не им даде зелено светло на Северна Македонија и на Албанија, е голема грешка.

Туск изрази надеж дека лидерите ќе извлечат прав заклучок кога ќе разговараат за процесот на пристапување на самиот во мај 2020. А Јункер предупреди дека никој на светот нема да ја почитува ЕУ ако тоа не се држи до ветувањата.