Не се знае колку од објектите што имаа статус дивоградби во Охрид и долж брегот ќе ги урива општината. Дел од нив со закон може да бидат легализирани, а дел спаѓаат под ингеренција на Министерството за транспорт и врски, вели градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески.
Тој вели дека откако ќе биде изготвена Студијата за евалуација на влијание врз животната средина ќе се знае колку објекти по ниедна основа нема да можат да бидат легализирани. Процесот на уривање на дивоградбите ќе се одвива постепено, чекор по чекор, додава градоначалникот, велејќи дека ситуацијата дополнително ја усложнува непостапувањето на другите државни субјекти согласно регулативата и злоупотребата на правните лекови за одолговлекување на постапките.
Георгиески вели дека има неколку објекти за кои иако имало одлуки за отстранување не се урнати бидејќи, како што вели, поради банални причини, се обжалуваат, а во меѓувреме за нив е поднесено барање за легализација. Акцијата за уривање на дивоградбите најави дека ќе продолжи наредните денови, откако ќе биде усвоен ребаланс на буџетот со кој се предвидени дополнителни два милиони денари за уривање.
„Процесот ќе е болен и тежок, ќе трае и година, две, а ќе мора да се поправаат сите грешки и аномалии дозволувани во минатото“, изјави градоначалникот.