Неделава може да биде предложен главен државен ревизор. Течат меѓупартиските консултации и ако се оди во најдобар ред, тоа може да се случи, најави на денешната седница, претседателот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата пратеникот Илија Димовски.
Речиси две години институцијата државен ревизор, која е чувар на јавните пари и го контролира трошењето на парите, функционира без директор. Државниот завод за ревизија има заменик директор, но директорското место остана празно откако политичките претставници во собраниската комисија за избори и именувања не успеаја да го изберат најсоодветниот кандидат за таа позиција.
Собранието на оваа седница ги донесе измените и дополнувањата на Законот за извршување на санкциите, на Законот за задолжително осигурување во сообраќајот и на Законот за воздухопловство.
Со измените на Законот за извршување на санкциите, меѓудругото се овозможува да се формираат посебни одделенија за осудени странски лица и без државјанство, како и за лица со висок и многу висок ризик. Се врши и зајакнување на улогата на директорот на казнено поправната установа.