На граѓаните и на државата им е нанесена „тешка неправда“ со одлуката на Европскиот совет да не одреди датум за почеток на предоворите на С.Македонија со ЕУ, велат членовите на Дипломатскиот клуб Скопје во денешно соопштение за медиумите.
Дипломатскиот клуб Скопје е организација составена од активни и поранешни дипломати, кои наведуваат дека изразуваат незадоволство и протест против донесениот заклучок на Европскиот совет да го одложи одредувањето на датумот за почнување преговори.
Претседателот на организацијата Виктор Габер вели дека со ваквата политичка одлука е нанесена непрада на граѓаните и државата „по нивната тридецениска плебисцитарна определба за влез во ЕУ и тешките реформи и компромиси за адаптација на македонското општество и исполнување на критериумите за почеток на преговорите.
Без сомненение, така донесената одлука на Европскиот совет може да има и серија дестабилизирачки последици по развојот, безбедноста и мирот во Македонија и регионот“, вели Габер.
Тој вели оти сметаат дека „заради некои внатреполитички калкулации во една членка на ЕУ“, со оваа одлука се придонесува за настапување на ретроградни процеси на југоистокот на европскиот континент и наместо просперитет и отворање на перспективи, да дојде до загрозување на стабилноста во директно опкружување на Европската унија.