Мицкоски повика на средба на државниот врв

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски

Недобивањето датум е лоша и непосакувана вест. Ваквата одлука е пораз, но не за народот и граѓаните, туку за политиките на Зоран Заев и неговата власт, рече на прес-конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој повика на средба на државниот врв на која ќе се дискутира за актуелната ситуација и за, како што вели, иднината на Македонија. Мицкоски вели дека е оправдано чувството дека политиките на Заев ја втурнале државата во круг на отстапки, подголтнувања и себеодрекување, за на крај да заврши со неуспех.

Тој вели дека ЕУ ни е стратешка цел, но дека мора да се признае дека нема датум, затоа што нема реформи.

„Не смееме ова разочарување да го браниме со други штетни одлуки. Ова не крај, туку почеток на промените кои треба да се случат, Македонија е европска земја. ЕУ е наша заедничка цел, нема време за губење и Македонија нема луксуз да загуби ниту еден ден, ниту ден час. Оваа власт ќе биде замената и ќе потоне во заборав“, рече тој.

Заев требаше да си поднесе оставка многу порано, вели Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.

Тој вели дека народот, а и тој лично посакуваат предвремени избори. Според него тоа е единствено решени за надминување на кризата. А во меѓувреме, како што вели ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи план и со сите свои капацитети и во договор со експерти ќе понудат реформи кои треба да ги спроведе влада со силни индивидуи и со силно портфолио.

Мицкоски вели дека ќе учествува на лидерска средба што ќе ја свика претседателот Стево Пендаровски.