Уапсени се четворица бугарски навивачи поврзани со расистичките извици и нацистичките поздрави на мечот со Англија, соопштуваат бугарските власти. На натпреварот за квалификации за Европското првенство, бугарски навивачи упатуваа навреди кон црните играчи на Англија, а имаше и нацистички салутирања.
Министерството за внатрешни работи на Бугарија соопшти дека денеска полицијата привела четири луѓе и се истражува нивното учество во настаните.
Претседателот на фудбалската федерација на Бугарија, Борислав Михајлов, вчера си поднесе оставка од функцијата, а бугарските специјални полициски сили извршија рација во канцелариите на федерацијата.
Селекторот на Бугарија, Красимир Балаков, кој првично рече дека не чул за расистичките навреди, се извини пред тимот на Англија.
УЕФА отвори дисциплинска постапка против Бугарија поради расистичкото однесување.