МВР- криумчари пренеле 400 мигранти за седум месеци

Архивска фотографија - Портпаролот на МВР Тони Ангеловски

Министерството за внатрешни работи со месеци следело 14-члена криминална група за криумчарење мигранти, соопшти денеска полицискиот портпарол Тони Ангеловски кој додаде дека за сите е поднесена кривична пријава. Во акцијата биле извршени претреси во Скопје, Гевгелија и Валандово, а приведени се девет луѓе. Според МВР на групата и помагале и еден кандидат за полициски службеник и еден полицаец давајќи им информации за поставеноста на полицијата на патот.

„Оваа криминална група во период од март 2019 година до сега, организирала криумчарење на 400 мигранти, по потекло од Aвганистан, Пакистан, Ирак, Бангладеш и други земји од Блискиот и Средниот исток, кои претходно престојувале на територијата на Грција, а меѓу кои имало и деца, стекнувајќи се притоа со значителна противправна имотна корист од околу 150.000 до 200.000 евра“, рече Ангеловски.

Групата мигрантите ги пренесувала од Грција, по што биле преземани со возила и носени во близина на Марвинци, Фурка, Богданци, Удово и Демир Капија. Потоа биле превезувани кон граничниот премин Табановце и носени во кумановските села Ваксинце и Лојане, каде биле времено сместувани и засолнувани во објекти на соработници и помагачи на криминалната група, а потоа криумчарени преку северната граница, кон државите на ЕУ.