ВМРО-ДПМНЕ ја напушти седницата на комисијата за одбрана и безбедност

Архивска фотографија- пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Емил Димитриев

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ денеска ја напуштија собраниската Комисија за одбрана и безбедност.Пратеникот од опозициската партија Емил Димитриев и член на оваа собраниска Комисија рече дека тоа го сториле поради тоа што СДСМ и мнозинството амандмански интервенираше во веќе усогласениот Закон за следење на комуникациите кој се носи со двотретинско мнозинство.

„Овој Закон заеднички го усогласивме и предложивме во Собранието. Помина прво читање, едногласно беше усвоен од Комисијата за одбрана, но со усвојувањето на амандманите од Законодавно-правната комисија, Законот во целост ја менува својата суштина“ рече Димитриев.

Пратеникот од СДСМ Хари Локвенец, пак, вели дека амандманите на Предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за следење на комуникациите се во насока на задржување на иницијалната определба – контрола во Оперативно-техничката агенција да биде на две нивоа, да ја прави и Граѓанскиот совет и Комисијата за следење на комуникации чиј претседател е Емил Димитриев.