Францускиот државен секретар за европски прашања Амели Де Моншалан, изјави дека европската перспектива на Западен Балкан е оправдана, но смета дека е потребен реформиран процес на преговарање. Пред состанокот на Советот за општи работи на ЕУ, таа изјави дека во Луксембург не е дојдена со позиција да брани вето. Француската министерка вели дека треба да се разгледа процесот на преговарање, кој се гледа дека е бавен и фрустрирачки за земјите кандидатки.
„Тој процес не влева доверба кај земјите-членки, бидејќи се развлекува во времето. Треба да разговараме за реформите што Европа треба да ги направи во нејзиниот пристап кон преговорите за проширување“, вели Де Моншалан.
Таа вели дека досега се покажало дека додека земјите преговарале за да станат членки на ЕУ, многу луѓе од нив се иселиле. Франција смета дека европската перспектива на Западен Балкан е оправдана, но работите треба да се направат на кредибилен начин, за да може да се изгради доверба во регионот и во Европа, вели таа.
Еврокомесарот за проширување Јоахенс Хан, пак, изјави дека доколку ЕУ не упати јасен сигнал за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, ризикува да го загуби влијанието на Западен Балкан.